https://www.facebook.com/photo/?fbid=690485849533292&set=pcb.690486479533229

06.02.2024 Скопје

Пред една година, на 6 февруари 2023 година, југоисточна Турција и северна Сирија беа погодени од силен земјотрес кој однесе десетици илјади животи. Луѓето во тие региони и денес се справуваат со последиците.

Според официјалните податоци, повеќе од 50.000 луѓе загинале во земјотресот во Турција, а повеќе од 125.000 се повредени. Најпогоден е Хатај на границата со Сирија. Цели делови од тој град беа уништени.

Многу луѓе се преселиле на други места. Оние што останаа претежно живеат во контејнерски населби, кои требаше да бидат само привремено сместување. Само во поширокото подрачје на Хатај има околу 200 вакви населби, а во нив засолниште нашле околу 187.000 луѓе.

Незадоволството кај луѓето е големо. Се жалат дека нема доволно простор за живеење, дека неколку семејства живеат заедно во многу контејнери. Наставничката Серап Селчук и нејзините две деца, на пример, делат контејнер со уште пет луѓе. Таа вели дека побарала да и дадат уште еден контејнер, но се уште не добила одговор.

Во првите неколку дена по земјотресот добија помош – бесплатна храна и основни потреби. Тоа повеќе го нема. Селџук вели дека добила само два пакети со помош од турската агенција за катастрофи АФАД.

Покрај постојаниот недостиг од струја и вода, голем проблем е тоа што многу оштетени патишта се уште не се санирани. Некои се целосно непроодни, а кога врне, проблемот се влошува, бидејќи водата не оди понатаму.

Серап Селџук се жали и на порастот на уличниот криминал.

Бавно напредува изградбата на нови станови во Хатај. Планирани се 45.000 нови станбени единици, но засега само нешто повеќе од 2.600 од нив се при крај. Според официјалните информации, во моментов само 25 станови се подготвени за вселување.

„Имавме стан од 195 квадрати, сега живееме на 21 квадрат“, вели 70-годишниот Абдулсамет Пулат. Сепак, вели, и е благодарен на државата.

„Ниту гладувавме, ниту умревме од жед. Секогаш имавме покрив над главата“, вели Пулат. Во земјотресот е повредена неговата сопруга. Таа била оперирана во Измир, по што извесен период живееле во студентски дом во Самсун, на северот на Турција. Потоа се вратиле во Хатај.

„Сакам повторно да живеам каде што беше мојот стан“, вели Пулат.

Во индустриската зона на градот се урнаа 95 отсто од зградите. Етем Ајсер пече леб во оштетена зграда. Бројот на неговите клиенти, сепак, значително се намали по земјотресот: тој продаваше по 4.000 ролни секој ден, денес само илјада. Претходно во пекарата имал седум работници, денес работи сам. Тој се жали дека сопствениците на продавници како него не добиваат никаква поддршка.

„Државата не заборави“, вели автомеханичарот Левент Инејчи.

„Многумина би сакале повторно да работат, но државата не поддржува доволно. Имаше многу талентирани занаетчии овде, но тие заминаа и не се вратија. Тоа е голема загуба“, додаде тој.

Таксистот Екрем Озтурк е последниот вработен во неговата компанија, која некогаш вработувала 15 возачи.

„Многумина велат дека овде сè се враќа во нормала, но тоа не е точно. Понекогаш посакувам да умрев во земјотресот. Тогаш не би морал повеќе да го гледам сето ова“, вели тој.

Ситуацијата во соседна Сирија е веројатно уште потешка. За Мерјам або Атбан од градот Џиндирес на северозападот на земјата, тешко е да се поверува дека помина цела година откако разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала и го уништи животот. Сеќавањата од утрото на 6 февруари 2023 година се болним за таа 42-годишна мајка.

„Кога изгреа сонцето, половина од моето семејство беше мртво“, вели таа.

„Сега живееме во шатор, на само неколку метри од местото каде што ни загинаа две деца под урнатините на куќата“, вели таа.

„Мојот сопруг сакаше да замине, но јас одбив. Каде и да сме, нивните слики се секогаш пред нашите очи“, вели таа низ солзи.

Според Обединетите нации, најмалку 6.000 Сиријци загинале во земјотресот. Податоците од некои други организации се поблиску до бројката од 8.000, а невладината Сириска мрежа за човекови права наведува дека загинале 10.024 лица.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author