24.02.2024 Скопје
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп мора да плати повеќе од 454 милиони долари, откако беше прогласен за одговорен за манипулирање со неговата нето вредност во случајот за граѓанска измама, одлучи судот во државата Њујорк.
Исплатата вклучува парична казна од 354,9 милиони долари, наметната од судијата на државниот суд на Менхетен, Артур Енгорон на 16 февруари, плус камата.
Судењето без порота траеше повеќе од три месеци.
Судијата Енгорон им нареди на синовите на Трамп, Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп, да платат по речиси 4,7 милиони долари, а поранешниот финансиски директор на организацијата Трамп, Ален Вајзелберг, да плати 1,1 милион долари, вклучувајќи ја и каматата.
Висината на исплатите беше утврдена вчера, а каматата ќе продолжи. Пресудата беше објавена денеска.
Јавниот обвинител Летиција Џејмс ги обвини Трамп и неговите синови дека незаконски ја прецениле вредноста на имотот на Трамп за да добијат подобри услови за заем и осигурување.
Енгорон, исто така, му забрани на Трамп на три години да има водечка улога во која било њујоршка компанија или да бара заеми од банки регистрирани во оваа американска држава. На неговите синови им беше забрането да извршуваат лидерски улоги на две години.
Подготвено од А.Ѓ.