08.02.2024 Скопје
Колони трактори во текот на вчерашниот ден пристигнаа во центарот на Барселона додека земјоделците ги блокираа патиштата низ Шпанија во протести поради високите трошоци, бирократијата и евтината конкуренција.
Ваквите протести на фармерите се прелеаа во Шпанија од други делови на Европа.
Во вториот ден од протестите, шпанските фармери планираат да го попречат сообраќајот и да се сретнат со претставници на локалната власт за да ги објаснат своите незадоволства.
Петнаесет главни патишта беа блокирани низ Шпанија во попладневните часови, соопштија сообраќајните власти.
Во Кастелон, на источниот брег на Шпанија, земјоделците го блокираа главниот влез на пристаништето со трактори, палејќи гуми и организираа протести. Полицијата еден по еден ги отстрануваше демонстрантите без насилство, со што ја прекина блокадата.
Протестите ја поттикнаа шпанската влада да додели дополнителни 269 милиони евра субвенции за дури 140.000 земјоделци, а Европската комисија се откажа од планот за преполовување на употребата на пестициди во блокот.
Земјоделците велат дека правилата за животна средина на ЕУ ги прават помалку конкурентни од земјоделците во другите региони, како што е Латинска Америка. Се жалат и на се потешките бирократски мерки.
Подготвено од А.Ѓ.