21.02.2024 Скопје
Натписот „Ние сме од Скопје“, кој со години го красеше објектот на Младинскиот културен центар, по налог на новиот директор Бени Шаќири во неделата вечерта е отстранет. Вработени во МКЦ, кои сакаа да останат анонимни, велат дека гестот на директорот ги изненадил и дека не ја знаат причината зошто наредил да се тргне натписот. Шаќири најави писмено соопштение со детален опис на причините за тргањето на натписот.
Како што имаме мурал од ликовната група „Зеро“, кој е обележје на едно време, така имавме натпис кој што креативно ги обедини граѓаните на Скопје околу МКЦ, во најтешките времиња, велат од таму. Натписот беше поставен во 2018 година и досега успешно им одолеваше на атмосферските влијаниja. Па, нејасно е зошто е тргнат. Вработените велат и дека иако помина скоро еден месец откако Шаќири дојде за директор, тие до сега не се сретнале со него.
Шаќири е назначен за директор на 10 јануари, со решение потпишано од градоначалничката Данела Арсовска. А, се појави на новото работно место на 22 јануари. Пред една година вработените во МКЦ и дел од граѓаните, протестираа поради разрешувањето на Ванчо Богоев од в.д. директор и назначувањето на таа функција на дипломираниот детектив Никола Алексов, примен во МКЦ преку Агенцијата за привремени вработувања. Богоев беше разрешен зашто не попушти под притисокот на раководството на Град Скопје да го вработи Бени Шаќири.
Подготвено од М.Д.