05.02.2024 Скопје
Портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано изјави дека Европската Унија ги повикува косовските власти да избегнуваат еднострани чекори кои може да имаат контрапродуктивни последици.
Стано нагласи и дека одлуката на косовската Централна банка со која се забранува употребата на српскиот динар и полициската операција против „некои институции раководени од Србите во северно Косово“, се најмалки два примери од минатата недела кои предизвикуваат загриженост во ЕУ.
„Овие чекори се загрижувачки затоа што не придонесуваат за деескалација на состојбата. Тие вообичаено не се координирани, преземени се еднострано и без консултација за можните последици што би ги имале врз луѓето на теренот“, истакна Стано, нагласувајќи дека ЕУ реагираше на овие два настани, бидејќи станува збор за еднострани постапки кои би можеле да предизвикаат влошување на состојбата на теренот.
Стано додаде и дека едно е јасно, „тие не придонесуваат за смирување на ситуацијата и не прават луѓето да имаат чувство дека нивниот живот ќе се подобри, туку спротивно на тоа.
„Од овие причини важно е заживувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и за таа цел специјалниот претставник на Унијата, Мирослав Лајчак е во постојан контакт со партнерите во регионот и со меѓународната заедница, со цел двете страни да почнат да се однесуваат конструктивно“, истакна Стано.
Подготвено од А.Ѓ.