21.02.2024 Скопје
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски остварил средба со главниот државен обвинител Љупчо Коцевски и му најавил дека по внатрешната контрола во МВР и наодите до кои ќе се дојде ќе му ја предаде целата документација поврзана со ненавремената замена на личните документи на граѓаните.
Во соопштението од Јавното обвинителство се вели дека јавниот обвинител на Македонија Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дискутирале за повеќе тековни активности.
„Коцевски го запозна Тошковски со активностите на Комисијата за следење на нерегуларностите кои евентуално би биле сторени при организирањето и спроведувањето на претстојните избори, како и со дадените насоки до сите јавни обвинителства за приоритетно постапување во сите предмети поврзани со нарушување на изборниот процес. Притоа беше нагласена потребата од тесна координација и соработка со Министерството за внатрешни работи и со Оперативниот штаб во МВР за следење на текот на изборите.
Министерот за внатрешни работи го извести јавниот обвинител за проблемот со издавањето на личните документи и за напорите за негово надминување. Тошковски најави дека ќе направи внатрешна анализа на постапките и чекорите во рамките на МВР и ќе ја достави до обвинителството заедно со целокупната документација поврзана со активностите кои довеле до неможност за навремена замена на личните документи на граѓаните. Коцевски нагласи дека обвинителството ги следи состојбите, ги проверува наводите во поднесените кривични пријави и доколку бидат утврдени обележја на кривично дело ќе постапи согласно своите законски надлежности“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Подготвено од М.Д.