27.02.2024 Скопје
Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) го поздравува најавеното линеарно покачување на 5 отсто за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година и верува дека ваквиот тренд мора да опстои.
Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) воедно бараат да не се заборави група од над 300 лекари – приватни специјализанти кои секојдневно работат со нивните колеги за 26.000 денари.
„Акцентираме дека ниедно покачување до сега не ја опфати оваа група на лекари кои сѐ уште немаат ниту пензиско осигурување и сите најави за трансформација на нивниот работен однос пропаднаа, со што оваа група на лекари беше повторно изиграна од Министерството за здравство. Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти согласно просечната плата во износ на 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега. Се надеваме на брз одговор од Министерството за здравство“, велат од ЗЛС.
Во реакцијата што денеска ја испратија од ЗЛС се вели дека во моментов во Клинички Центар Мајка Тереза има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти.
„Ја изразуваме нашата загриженост и бараме итно покачување на платите и решавање на нашиот статус. Во моментов се водиме како невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден стаж во тек на 6 години специјализација. Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички Центар. Бараме од Вас веднаш да пристапите кон решавање на нашиот статус и покачување на платите или во спротивно ќе бидеме приморани сите приватни специјализанти да престанеме со извршување на било какви обврски на соодветните клиники“,пишува во реакцијата на ЗЛС испратена до Министерството за здравство.
Подготвено од М.Д.