15.02.2024 Скопје
Вработувања во здравството по партиски клуч или по заслуги? Трудовите инспектори влегоа во болницата во Гостивар…. Ќе се проверува како се спроведувал огласот за вработувања на лекари и друг медицински персонал. Од инспекторатот велат дека ќе извршат вонреден надзор, по што утре ќе споделат информации со јавноста.
За огласот за вработувањата во болницата во Гостивар реагираа и општинските организации на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ кои пак сметаат дека е прекршена правичната застапеност на граѓаните.
„Недозволиво е никаде, а особено не во град каков што е Гостивар кој што е синоним за мултиетничност и соживот, да се случуваат и дозволуваат вакви груби облици на дискриминација и да се вработуваат кадри од само една етничка заедница“, вели Игор Велјаноски од СДСМ.
„Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една сцена од серијалот “Едно општество за сите – концепт со кој СДС требаше да обезбеди демократски вредности и еднакви можности за сите” но СДС во улога на потчинет чирак на ДУИ по којзнае кој пат дозволи да се случи грубо кршење на начелото за соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници при вработувањето во ЈЗУ Општа болница “Др. Ферид Мурад” – Гостивар“, е ставот на ВМРО ДПМНЕ.
Инаку огласот за вработување се однесува на десет лекари, десет медицински сестри, еден биохемичар, еден рентген технолог и уште тројца физиотарапевти.
Подготвено од М.Д.