08.02.2024 Скопје
Со 58 гласа „за“ и 31 пратеник кои гласаа „против“ предлог законот грчката компанија Митилинеос да гради когенеративна гасна електрана во Гази Баба, го помина првиот собраниски филтер. Овој владин предлог предизвика бурни реакции кај експертската јавност.
Сите четири предлог закони за стратешки инвестиции во енергетиката имаа доволен број гласови да го поминат првиот собраниски филтер.
Токму предлог законот за Митилинеос предизвика најмногу реакции во јавноста и беше жестоко критикуван од енергетичарите.
Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на писмото од Здружението на инженери побара точката да се симне од дневен ред.
Мнозинството пратеници од владеачката коалиција не го прифати овој предлог.
Сега предлог законите ќе одат на расправа во матичните комисии за економски прашања и законодавно правната и ќе се носат по скратена постапка.
Со овој предлог се предвидува државата да ѝ даде 50 милиони евра на грчката компанија Митилинеос како директна финансиска поддршка, без државата да добие удел во централата која ќе се гради во Железара, а дополнително се обврзува да ја купува произведената електрична и топлинска енергија. Вчера вицепремиерот Битиќи уверуваше дека топлинската енергија ќе се купува за 40% поевтино од таа на берза, а струјата која ЕСМ ќе ја купува по утврдена формула ќе биде поевтина за 5% од берзанската.
Според Здружението пак, со вака скроен закон ќар ќе бидат само Грците. Ќе им се дадат милионски суми, а за возврат ќе плаќаме 3 пати поскапа струја од таа што ја произведува ЕСМ.
Подготвено од М.Д.