05.02.2024 Скопје
Иако е непопуларна мерка, веќе е донесена одлука за штрајк поради најавеното намалување на платите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), вели претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Работниците ќе протестираат и ако поминат низа закони со кои власта сака да ги намали платите, додава тој. Во интервјуто, Трендафилов уште вели дека потрошувачката кошничка ќе расте и во февруари, а зборува и за одлуката на Врховниот суд на ССМ да му биде одземена управната зграда каде што се наоѓа Сојузот.
Тоа што успеавме да го направиме минатата година со зголемувањето на платите, темпото од јануари до декември со потпишувањето на општиот колективен договор и претходните зголемувања на платите на вработените во јавниот сектор, некако како некој да се обидува од почетокот на оваа година да го забави, односно да не се случат дополнителни зголемувања на платите оваа година и на крајот на краиштата во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), како што веќе сите знаат дури и да се намалат за 21 процент платите на колешките и колегите кои работат таму. Неколку законски решенија кои се обидуваат таму на брза трака да ги протнат преку Парламентот со европско знаменце, а за кои кажуваат дека се клучни за реформа администрацијата, меѓутоа реформа не се правите во последните денови од вашиот мандат и последните денови на мандатот на пратениците за да ги донесете ваквите закони, особено законот за административни службеници кои би значел дека во месец март оваа година вработените за кои се однесува тој закон нема да добијат усогласување на платите со Законот за минимална плата, односно нема да добијат по 2.500 денари усогласување на нивните плати.
Ние се трудиме да ги искористиме сите средства. Тоа што јас го имам како информација како претседател на ССМ, е дека веќе е донесена одлука за штрајк. Штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид. Се разбира дека егзистенцијата на работниците е најважна и работниците не можат да работат со намалување на платите за 21 отсто и решени да штрајкуваат. Жално е тоа што сите ние ќе трпиме поради ваквиот однос на функционерите, на мала врата да го спроведат ова намалување на платите и пак вината да ја префрлаат на синдикатите. Не се работниците виновни за тоа што ќе им се намали платата и не за тоа што ќе штрајкуваат поради намалување на платите. Виновни се оние кои ја креираат политиката. Очекуваме разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО.
Тоа што ние го правевме цела мината година и на крајот на минатата година, продолживме да го правиме од самиот почеток на оваа година со колешките и колегите од ФЗО. Незадоволството на работниците и очекувањата се да не се поминат овие закони кои ќе задираат во нивниот личен доход и во нивната плата. Доколку, тоа се случи работниците се спремни, и во време на процесот кој ќе биде на спроведување на изборите, бидејќи веќе имаме техничка Влада, да го изразат своето незадоволство и на улица доколку е потребно.
Подготвено од М.Д.