06.02.2024 Скопје
Најмалку три лица загинаа кога врз нив паднаа дрвја, бидејќи силната бура во американската сојузна држава Калифорнија предизвика поплави, лизгање на земјиштето и прекин на електричната енергија.
Метеоролошките служби наведуваат дека обилните врнежи ќе продолжат и денеска и предупредуваат на поројни поплави. Поради рекордните врнежи, гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, прогласи вонредна состојба во осум области.
Бурата настанала како резултат на ефектот на „атмосферска река“ – водата што испарува ја носи ветерот, формирајќи долга струја која потоа лебди низ небото како река на копно.
Ова е втор сличен феномен што ја погоди Калифорнија во последните две недели.
Официјални лица издадоа наредби за евакуација во ридските области на јужна Калифорнија, вклучувајќи го и Лос Анџелес, каде што е прогласена вонредна состојба.
Три лица загинаа од паѓање дрвја, едното во долината Сакраменто, другото во областа Санта Круз и третото во градот Јуба во северна Калифорнија.
Системот на бура донесе и обилен снег во регионот. Вчера лавина погоди одморалиште во Кањонот Ли, недалеку од Лас Вегас во Невада, но нема повредени.
Подготвено од А.Ѓ.