https://www.flickr.com/photos/152835368@N03/36054662635/in/photolist-WW2z5p-BWSMdb-KpTVkG-KzhqSQ-5b9rPV-bM5sdt-dsHHGb-hvYGTW-b81qDn-24gzod-WkHinR-dae59M-4X5ojn-LMNiPq-7KHc89-aWDoYT-LUkb2-8eXNLD-Mm7xm-29AuMRH-vGyRF-5AbeMG-4Dv6ob-Xz7oK-Sqd9E1-YndVkk-La4LDt-9ye12H-9pmcUh-8jkDKN-ai9ifK-pePizi-aPSewi-eDSbrz-akHDiR-9vQrFk-pihRbx-fQwvss-87FvXU-88J2jW-8byQdh-b5K85a-RsuMb-rGDeGo-6euUqD-g3PY5T-aBMmtp-cA675U-DpF1M-BbgzFy

07.02.2024 Скопје

Шведското јавно обвинителство денеска соопшти дека ќе се откаже од понатамошната истрага за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2.

„Заклучокот од истрагата е дека Шведска нема јурисдикција и затоа истрагата треба да биде затворена“, се вели во соопштението на шведското обвинителство.

Неколку германски медиуми вчера објавија дека шведското јавно обвинителство најверојатно ќе ја затвори истрагата за саботажата на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море.

Шведскиот јавен обвинител Матс Љунгквист очигледно сака да ја прекине постапката, а евидентно е дека шведските власти не успеале да идентификуваат ниту еден конкретен осомничен во нивната земја, објави германски медиум.

Германската истрага за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2 ќе продолжи и покрај повлекувањето на Швеѓаните.

Во септември 2022 година беа регистрирани неколку експлозии во близина на островот Борнхолм во Балтичкото Море, а малку подоцна беше откриена штета на гасоводите „Северен тек“ кои пренесуваат руски гас до Германија.

Потоа беа започнати истраги во Шведска, Германија и Данска.

Во ноември 2022 година, Љунгквист го потврди сомнежот дека се работи за саботажа откако беа пронајдени остатоци од експлозив.

Во заедничко писмо до Советот за безбедност на ОН во летото 2023 година, амбасадите на Германија, Данска и Шведска напишаа дека истражителите откриле траги од експлозив на сомнителна едрилица.

Се наведува дека едрилицата била користена за транспорт на експлозиви користени во саботажа.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author