27.02.2024 Скопје
Утрово, таксистите во Атина го започнаа 48-часовниот штрајк поради проблемите со кои се соочуваат во нивниот сектор.
Грчката метропола денеска и утре ќе биде без такси превоз.
„Економскиот модел на управување што го избра Владата го става на мета секој вид на индивидуален бизнис во земјата“, истакнаа од Синдикатот на таксистите во Атина.
Синдикатот бара низа мерки, меѓу кои и задржување на ДДВ-то на 13 отсто.
Таксистите со 48-часовниот штрајк учествуваат во утрешниот штрајк што го закажа Синдикатот на вработени во јавниот сектор по повод годишнината од железничката несреќа во која загинаа 57 лица.
Атина, утре освен без такси превоз, ќе биде и без метро и трамвај, а во штрајкот со прекини во работното време учествуваат и автобусите и тролејбусите.
Во текот на утрешниот ден, цела Грција ќе биде без бродски и железнички превоз, а се очекуваат проблеми и во авионскиот, со оглед на тоа дека во штрајкот веројатно ќе учествуваат и контролите на летање.
Подготвено од А.Ѓ.