26.02.2024 Скопје
Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) ќе ги укине санкциите кон Нигер воведени по минатогодишниот пуч, најави претседателот на комисијата на оваа организација Омар Алију Тури.
„Овој чекор е преземен од чисто хуманитарни причини, додека одредени ограничувања ќе останат на сила“, рече Тури по самитот на ЕКОВАС во Абуџа, главниот град на Нигерија.
Меѓу санкциите кои веднаш ќе бидат укинати се забраната за летови, затворањето на границите, замрзнувањето на средствата од централната банка на Нигер, како и суспензијата на комерцијалните трансакции.
Самитот на ЕКОВАС се обиде да се справи со заканата од распаѓање со која се соочува регионот и да го убеди военото раководство на Нигер, Мали и Буркина Фасо да ја преиспита својата одлука за напуштање на организацијата.
„Мораме да го разгледаме нашиот сегашен пристап во одржувањето на уставниот поредок во земјите-членки на блокот“, рече претседателот на Нигерија, Бола Тинубу.
Претходно оваа недела, коосновачот на ЕКОВАС и поранешен нигериски водач, генерал Јакубу Говон, го повика блокот да ги укине „сите санкции наметнати на Буркина Фасо, Гвинеја, Мали и Нигер“.
Буркина Фасо, Мали и Нигер, поранешни француски колонии, во јануари објавија дека веднаш се повлекуваат од ЕКОВАС поради „нехумани санкции“, обвинувајќи ја групата дека служи на странски интереси и претставува закана за тие земји.
Регионалниот блок воведе санкции за поранешните француски колонии за да ги поттикне да го обноват демократското владеење по државните удари кои ги соборија нивните цивилни влади.
ЕКОВАС се состои од 15 земји.
Подготвено од А.Ѓ.