stejt department

02.02.2024 Скопје

САД се длабоко разочарани и се спротивставуваат на плановите на Приштина да продолжи со спроведувањето на одлуката за ограничување на увозот на странски валути, вклучувајќи го и српскиот динар, соопшти Стејт департментот.

„Повторно повикуваме спроведувањето на оваа одлука веднаш да се одложи додека не се воспостават задоволителни процедури во согласност со европските стандарди и додека населението не биде доволно едуцирано за тоа како ќе се одвива транзицискиот период“, се вели во соопштението на портпаролот на Стејт департментот, наведувајќи дека одлуката на привремените приштински институции за српскиот динар е објавена „без соодветна подготовка или консултација“.

Тој посочи дека американската влада побарала од Приштина објаснување за непосредниот проблем што требаше да го реши ваквата регулатива и зошто е донесена толку итно и посочи дека на тоа нема соодветен одговор.

„Многу граѓани на Косово сега не знаат како ќе ги платат сметките или како ќе ги добијат пензиите“, рече портпаролот.

Тој додаде дека таквата одлука, исто така, е во спротивност со определбата на Приштина да работи преку дијалог со посредство на ЕУ за решавање на прашањата кои влијаат на благосостојбата на српската малцинска заедница на Косово и Метохија.

„Доброто владеење и доброто меѓународно партнерство бараат одвојување време за да се проценат последиците, да се слушаат различните перспективи и да се консултира со другите за изводливо решение. Последицата од ова и слични еднострани дејствија ги ограничуваат можностите на САД како застапник за Косово на меѓународната сцена“, рече портпаролот на Стејт департментот.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author