23.02.2024 Скопје
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници почнува денеска и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК). Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Кандидатите за претседател вчера ги соопштија и ДУИ кои го предлагаат министерот за надворешни работи Бујар Османи и Движење ЗНАМ-За Наша Македонија кои ќе настапат со лидерот Максим Димитриевски. Претходно СДСМ објавија дека нивен кандидат ќе биде актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага професорката Гордана Силјановска Давкова, Стефчо Јакимовски е кандидат на ГРОМ, партијата што ја предводи, професорката Билјана Ванковска е кандидат на Левица, Арбен Таравари на албанската коалиција Вреди. Својата независна кандидатура за претседател во октомври, лани, прв ја најави Вело Марковски, иако е и член на ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатурата на Османи ја објави претседателот на ДУИ Али Ахмети кој најави дека по изборите ќе се залага за уставни измени, за избор на претседател во Собранието и за впишување на Бугарите во Уставот. Во спротивно, како што рече, ДУИ нема да учествува во власта.
Подготвено од М.Д.