22.02.2024 Скопје
Ширум Европската унија, земјоделците протестираат бидејќи велат дека се соочуваат со зголемени трошоци и даноци, бирократија, прекумерни еколошки регулативи и конкуренција од увоз на евтина храна.
Неделни протести се одржуваат и во Франција, Германија, Белгија, Холандија, Полска, Шпанија, Италија и Грција.
Многу прашања се специфични за одредени земји, но има и такви кои ја засегаат цела Европа.
Земјоделците во источна Европа протестираат против она што тие го сметаат за нелојална конкуренција како резултат на големиот увоз од Украина, чии квоти и царини беа укинати од Европската унија по почетокот на војната во Украина.
Полските земјоделци го блокираат сообраќајот на границата со Украина, што според Киев влијае на одбранбените способности на земјата и помага да се постигнат целите на Русија.
Во Чешка земјоделци влегоа со трактори во центарот на Прага и го прекинаа сообраќајот пред зградата на Министерството за земјоделство.
Протестираат за увозот, бидејќи велат дека влијае на европските цени, а во исто време не ги исполнува стандардите за заштита на животната средина кои земјоделците во Европската унија мора да ги почитуваат.
Обновените преговори за трговскиот договор меѓу ЕУ и јужноамериканскиот блок „Меркосур“ предизвикуваат незадоволство и поради нелојалната конкуренција кога се во прашање шеќерот, житото и месото.
Земјоделците се незадоволни и од, според нив, прекумерната регулатива, најмногу на ниво на ЕУ. Во центарот на вниманието се новите правила за субвенции, меѓу кои е и барањето четири отсто од земјоделскиот имот да не се користат на одредено време.
Против бирократијата се и учесниците на протестот, а во Франција велат дека владата ја влошила со премногу комплицирана примена.
Во Шпанија земјоделците се жалат дека се „гушени од бирократијата“ од Брисел и дека тоа ја поткопува профитабилноста на земјоделските култури.
Во Грција бараат повисоки субвенции и побрза исплата на обештетувањето за уништените посеви и угинатиот добиток во поплавите минатата година.
Во Германија и Франција, најголемите земјоделски производители во ЕУ, земјоделците протестираат против плановите за прекин на субвенциите или даночните олеснувања за дизелот што се користи во земјоделството. Грција бара и намалување на даноците на дизелот.
Во Романија, во средината на јануари, главно имаше протести поради високите цени на дизелот.
Во Франција, многу производители велат дека поради напорите на Владата да го намали поскапувањето на храната, не можат да ги покријат високите трошоци за енергија, ѓубрива и транспорт.
Европската комисија на крајот на минатиот месец предложи да се ограничи увозот на земјоделски производи од Украина, со запирање на увозот на најчувствителните производи како живина, јајца и шеќер. Сепак, производителите велат дека сумата сепак би била преголема.
Комисијата, исто така, ги ослободи земјоделците во ЕУ за 2024 година од правилото дека не смеат да обработуваат дел од земјиштето додека добиваат субвенции, но ќе мора да одгледуваат култури без употреба на пестициди.
Францускиот премиер Габриел Атал најави мерки, вклучително и контрола на увозот за да се осигура дека увезената храна не содржи траги од пестициди забранети во Франција или ЕУ, како и разговори за да им се обезбедат на земјоделците повисоки цени и да се олесни бирократијата и регулативите.
Париз и Берлин, исто така, под притисок се откажаа од плановите за прекин на субвенциите или даночните олеснувања за дизелот. Во Романија, владата ги зголеми субвенциите за дизелот, се справи со полисите за осигурување и ги забрза плаќањата на земјоделците.
Во Португалија, техничката влада најави пакет итна помош од 500 милиони евра, вклучително и 200 милиони за ублажување на последиците од сушата.
Подготвено од А.Ѓ.