granicen premin bogorodica

26.02.2024 Скопје

Грчките земјоделци денеска ќе ги блокираат граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија.

Земјоделскиот собир на Евзони ќе започне околу 13 часот по грчко време, односно околу 12 часот по македонско, и додека трае протестот, се очекува да биде блокиран сообраќајот на граничниот премин на неколку часа.

Граничниот премин Ники, според локалните медиуми, ќе биде затворен во периодот од 12 до 16 часот по грчко, односно од 11 до 15 часот по македонско време.

Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската Унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.

Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин рече дека на Евзони се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни.

Земјоделците веќе над еден месец се активни во цела Грција и бараат од Владата да ги исполни сите нивни барања поврзани со зголемените трошоци за производство, а иако на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред речиси две седмици им беа соопштени дополнителни мерки, изразија незадоволство и продолжија со активностите, кои кулминираа со големиот протест во Атина.

Подготвено од М.Д.

About Author