12.02.2024 Скопје
Археолозите пронајдоа човечки стапалки стари 100.000 години на мароканска плажа, а се верува дека тоа се најстарите човечки стапалки во Северна Африка и јужниот дел на Медитеранот.
Археолозите пронајдоа повеќе од 80 човечки отпечатоци, веројатно хомосапиенс, вклучително и деца, на брегот во близина на градот Лараш, околу 90 километри јужно од Тангер.
Археолозите од Мароко, Шпанија, Франција и Германија велат дека стапалките се едни од најдобро сочуваните човечки траги во светот.
Нивното истражување е објавено во научното списание „Nature“.
„Имаме индиции кои ни кажуваат дека во тоа време хомосапиенс се движел по брегот потенцијално да бара храна од морето“, изјави Монсеф Седрати, геоморфолог од францускиот универзитет Бретања Суд.
Истражувачите велат дека луѓето чии траги биле пронајдени веројатно биле рибари или собирачи.
Откритието е направено за време на теренска мисија во јули 2022 година, како дел од истражувачки проект за потеклото и динамиката на камењата расфрлани долж брегот.
„Климатските промени и порастот на нивото на морето стојат зад појавата на овие отпечатоци. Како што карпите продолжуваат да еродираат, овие отпечатоци ќе исчезнат, а други ќе бидат откриени. Значи, ние сме соочени со дилема – како да го зачуваме ова наследство?“, рече Седрати, кој е лидер на истражувачкиот проект.
Историјата на човековата еволуција во овој регион на северозападно Мароко е многу богата.
„Видот хомосапиенс, со кој сите ние сме поврзани, повеќе од веројатно потекнува од Африка на различни места – или во Источна Африка или во Мароко“, изјави француската палеоантрополог Изабел Кревекоер.
Според неа, идејата дека хомосапиенсот потекнува од едно место во Африка повеќе не е реалност.
„Тоа е повеќе прашање на еволуцијата на различни популации низ континентот, веројатно со генетски текови меѓу африканските региони“, рече таа.
Истражувачите велат дека стапалките во Лараш се уште еден доказ за важноста на овој регион во историјата на човештвото и ќе обезбедат нови докази за минатото.
Подготвено од А.Ѓ.