16.02.2024 Скопје
Вселенско летало дизајнирано да слета на Месечината, изградено од воздухопловната компанија „Intuitive Machines“ со седиште во Хјустон, рано утринава лансираше од Флорида како дел од првата американска мисија за слетување на Месечината по повеќе од половина век.
Ова е и првото приватно вселенско летало кое ќе се обиде да слета на сателит на Земјата.
„Одисеја“ беше лансирана на врвот на ракетата „Фалкон 9“, со која управува компанијата „Спејс екс“ во сопственост на Илон Маск. Лансирањето се случи од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Кејп Канаверал.
Лансирањето, кое беше закажано за среда наутро, беше одложено 24 часа поради неправилна температура откриена во течниот метан што се користи во погонскиот систем на апаратот. Од SpaceX изјавија дека проблемот подоцна бил решен.
Леталото носи шест инструменти на НАСА дизајнирани да собираат податоци за лунарната средина пред планираното враќање на астронаутите од НАСА на Месечината подоцна оваа деценија.
Подготвено од А.Ѓ.