24.02.2024 Скопје
Јавниот обвинител од скопското обвинителство побарал, а судија на претходна постапка од кривичниот суд одобрил укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за 6 осомничени за упадот во просториите на М-НАВ.
Според соопштенито на Кривичниот суд Скопје биле ценети приложените факти кои ги доставил обвинителот.
„Судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот
обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа
мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката
притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3
и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно
престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова,
Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или
воспоставување врска со одредени лица, пишува во соопштението.
После случувањата во македонска навигација кои се случија на почетокот на јануари беа приведени четворица меѓу кои и советникот на директорот на М-НАВ, Беким Незири. За него имаше мерки на претпазливост, но по жалбата од обвинителството, судот ја промени одлуката и му додели мерка куќен притвор. Петтоосомничениот беше приведен подоцна и за него имаше определено 30-дневен притвор.
Инцидентот се случи на 4 јануари откако на прес-конференција на Струковиот синдикат на контролори на летање, претседателот Александар Тасевски, информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ ќе поднесуваат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.
Инаку лицата се сомничат за Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 став 2 од кривичниот законик.
Подготвено од М.Д.