26.02.2024 Скопје
Пратениците во среда ќе одлучуваат дали ќе ја продолжат важноста на пасошите до крајот на годината. Предлог-законот за продолжување на важноста на пасошите кој го поднесе ВМРО-ДПМНЕ е преведен е и доставен до пратеничките групи и в среда ќе се најде пред пратениците на пленарна седница, потврди во петокот претседателот на Собранието, Јован Митревски.
Во ситуација кога македонските граѓани кои досега не успеаја да добијат пасош со новото уставно име се заглавени во сопствената држава или се соочуваат со проблеми во исполнувањето на работните договори во странство, особено Македонците кои работат на крузерите насекаде по светот, политичарите дома се надмудруваат кој е виновен за ваквата состојба и како треба да се реши проблемот, а обрасците на граница свечено се пречекуваат.
ВМРО-ДПМНЕ и министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, сметаат дека проблемот може да се реши само со едно стискање на копчето, додека за СДСМ предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е несериозен.
Подготвено од М.Д.