KORPA SO PRODUKTI

26.02.2024 Скопје

Виршли, сокчиња за деца, суви смокви, сладоледи, ѓумбир во прав, путер, минерална вода со додатоци, како и адитиви за пекарската индустрија, се само некои од производите што минатата година биле повлечени од домашниот пазар како небезбедни.

Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во јануари годинава нема уништена или вратена увезена храна поради небезбедност. Извршени се 4.808 инспекциски надзори од кои редовни 2 474, контролни 306 и вонредни 2 028. Исконтролирани се 3.269 пратки на увезена храна од неживотинско потекло. Вкупно се изречени 369 инспекциски мерки од кои три прекршочни пријави, 312 решенија, 27 едукации и исто толку покани за порамнување со прекршочен платен налог. Спроведени се и 1.094 контроли за пратки од увоз и 322 за пратки во транзит.

Овој месец се повлечени од продажба чипс од Косово и органско какао од Холандија. Како што објави Агенцијата на 14 февруари, какаото не било пуштено во продажба, ниту дистрибуирано до крајните потрошувачи, но во него било утврдено количество кадмиум над дозволеното, додека чипсот бил достапен на пазарот и во него било детектирано присуство на акриламид.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, тврди дека јадеме безбедна храна. Ништо, вели, не ѝ се остава на случајноста. Пазарот се следи постојано и се реагира согласно со меѓународните стандарди.

Како што објаснува Бабовски, секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на „небезбеден“ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето.

„Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, ние вршиме постојан надзор над операторите со храна за луѓе и храна за животни во однос на исполнување на општите и посебните услови за безбедност, но и за заштита на правата на потрошувачите. Контроли се вршат во сите фази на производство: преработка, дистрибуција и продажба, како и при увозот. Секој прехранбен производ за кој не постои гаранција дека ги исполнува општите и посебните услови за безбедност има третман на ‘небезбеден’ и се смета како потенцијална опасност за здравјето на луѓето. Ваквата храна од страна на самите оператори, но и по налог и надзор на инспекциските служби, се повлекува од пазарот и најчесто нештетно се уништува. Ова се однесува и на храната за животните“, вели Бабовски.

Подготвено од М.Д.

About Author