07.02.2024 Скопје
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, главниот финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, д-р Маја Стевкова Штериева и директорот на Кластер Западен Балкан, Фармација при „Алкалоид“ АД Скопје, Владимир Индов, денеска потпишаа договор за донација за формирање нов Ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија.
Станува збор за донација во вредност од околу 470 илјади евра, од кои Комерцијална банка донираше 235 илјади евра за градежните работи, а Алкалоид донираше 230 илјади евра за машинските инсталации.
Во изјава за медиумите, министерот Меџити истакна дека целта на овој Ургентен интернистички центар е да претставува прв контакт со пациентите, каде е предвидено да се пружа итна здравствена заштита.
„Тука, пациентите од нивниот прием би претстојувале 24 до 48 часа, по што доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Со ова се подобрува организацијата и се скратува времето за транспорт на пациентите. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација. Упатувам благодарност до компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти“, рече Меџити.
Главниот финансов директор на Комерцијална банка, д-р Стевкова Штериева потенцираше дека со оваа донација на Банката ќе се овозможи Клиничкиот центар во Скопје да добие нов, модерен и функционален Ургентен интернистички центар.
„Навистина ми претставува огромно задоволство што имам чест во името на Комерцијална банка да го потпишам овој договор за донација затоа што тоа ќе значи нов Ургентен центар во Клиничкиот центар во Скопје. Комерцијална банка повторно донира за јавното здравство и тоа овој пат за нова и исклучително значајна здравствена институција која значи спасување човечки животи. Банката во изминатите четири години донираше 700.000 евра во јавното здравство. Корпоративната филантропија е длабоко вкоренета во деловната политика на Комерцијална банка. Нашиот деловен успех како компанија нѐ мотивира да помогнеме со цел сите да целиме кон заеднички успех. “, изјави д-р Стевкова Штериева.
Директорот на Кластер Западен Балкан, Фармација при „Алкалоид“ Индов посочи дека преку оваа донација од 14,4 милиони денари – наменета за реконструкција на установата, односно формирање Интернистички ургентен центар, дава свој придонес кон олеснување на процесот на лекување на пациентите и подобрување на квалитетот на услугите во овој сегмент од јавното здравство.
„Како лојален поддржувач и партнер на македонското здравство и фармација, компанијата „Алкалоид“ поаѓајќи од нашиот врвен приоритет – луѓето и здравјето пред сé, во рамки на компаниската мисија за поздрав живот на секој поединец, „Алкалоид“ редовно и беспоштедно помага онаму каде е најпотребно. Грижата за заедницата во која делуваме, за јавното здравје и за поголема и поквалитетна достапност на јавните здравствени услуги за пациентите од целата држава, останува наш приоритетен дел“, рече Индов.
Подготвено од М.Д.