03.02.2024 Скопје
Европскиот парламент и Советот на ЕУ во четвртокот постигнаа политички договор за директива која на потрошувачите ќе им обезбеди „право на поправка“ на производите и ќе ги охрабри да го продолжат животниот век на нивните производи.
Во Европската унија секоја година се произведуваат 35 милиони тони отпад, иако истражувањето на Евробарометар покажува дека дури 77 отсто од потрошувачите поддржуваат поправка на уредите, наместо да купуваат нови.
Според постигнатиот договор, поправката на уредот ќе стане подостапна за потрошувачите не само во текот на законскиот гарантен рок, туку и по неговото истекување.
Од производителите ќе се бара да ги поправаат вообичаените производи за домаќинството како што се машините за перење, правосмукалките, дури и паметните телефони, а таа листа ќе расте со текот на времето. Производителите ќе треба да ги информираат потрошувачите за производите што треба да ги поправат, а потрошувачите ќе имаат право на уред за замена додека поправката е во тек или ќе се одлучат за поправен уред како алтернатива.
Ќе се воспостави бесплатна онлајн платформа каде потрошувачите ќе можат да се поврзат со сервисерите и продавачите на реновирана стока и на тој начин да ги споредуваат цените и да бараат подобри понуди, а уште една иновација за потрошувачите ќе биде продолжувањето на гаранцијата за една година по поправката на уредот.
„Во иднина ќе биде полесно и поевтино да се поправаат производите наместо да се купуваат нови, скапи. Ова претставува значаен успех за Европскиот парламент, кој силно се залага за зајакнување на потрошувачите во борбата против климатските промени. Договорот воведува дополнителни 12 месеци законска гаранција за производите и гарантира дека независните сервисери подобар пристап до резервните делови“, рече известувачот Рене Репаси (S&D), соопшти Европскиот парламент.
Политичкиот договор допрва треба да биде формално потврден од Европскиот парламент и Советот на ЕУ пред да стане закон. Земјите-членки ќе имаат две години да го пренесат во националното законодавство.
Подготвено од А.Ѓ.