16.02.2024 Скопје
Северна Кореја ги хакирала приватните мејлови на помошник на јужнокорејскиот претседател, потврдија од неговата канцеларија.
Приватна е-пошта била хакирана откако член на потесното опкружување на Џун Сук Јол ја користел за службени цели, соопшти кабинетот на јужнокорејскиот претседател.
Хакерскиот напад се случи пред посетата на јужнокорејскиот претседател на Велика Британија во ноември минатата година, а информациите за него дури сега беа објавени во јавноста.
Еден локален весник цитираше висок функционер на јужнокорејската влада дека хакери пристапиле до распоредот на патувањата на Џун Сук Јол.
Биле украдени и пораките кои лично претседателот ги испратил.
Но, од кабинетот на претседателот не сакаа да откријат до какви информации дошле хакерите.
Се верува дека ова е прв пат Пјонгјанг успешно да хакира соработник на јужнокорејскиот претседател.
Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја во соопштение нагласи дека безбедносниот систем не бил хакиран.
„Инцидентот е предизвикан од поединец во администрацијата кој го прекршил безбедносниот протокол користејќи лична е-пошта за службени цели“, соопштија од Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја.
Северна Кореја користи сајбер хакирање за да украде пари и информации, а начините на кои го прави тоа се сè пософистицирани.
Пјонгјанг е под ригорозни меѓународни санкции, а неговите сајбер хакери се обидуваат да украдат големи суми пари, често во криптовалути, за да го финансираат режимот и неговата програма за нуклеарно оружје. Се проценува дека од 2016 година Пјонгјанг украл дури три милијарди долари.
Се верува дека и Северна Кореја спроведува хакерски напади за да добие пристап до тајните на други земји, вклучително и детали за напредната технологија за оружје.
Извор од јужнокорејската влада, кој разговараше со Кукмин Илбо под услов да остане анонимен, рече дека биле „шокирани и згрозени“ кога дознале за хакирањето, додавајќи дека тоа можело да ја доведе во прашање безбедноста на јужнокорејскиот претседател за време на престојот во странство.
Џун беше во тридневна посета на Лондон во ноември 2023 година, за време на која се сретна со британскиот крал Чарлс и кралицата Камила, како и со премиерот Риши Сунак.
Јужнокорејската влада соопшти дека инцидентот бил откриен пред почетокот на посетата на претседателот и дека се преземени неопходни мерки за да се отстранат сите ризици.
Се додава дека се преземени чекори за зајакнување на безбедноста, меѓу другото е привлечено внимание и на околината на претседателот со цел да се спречи уште еден сличен инцидент.
Подготвено од А.Ѓ.