MAESTRO DZAMBAZOV

05.02.2024 Скопје

Во Дебар маало во Скопје се одржа промоција на книгата „Чичко маестро Џамбаз – во светот на децата“, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, од Бранка Костиќ-Марковиќ, автор на воведниот текст и Марко Коловски, автор на фотографиите. Воедно, на улицата Орце Николов ќе биде промовиран мурал посветен токму на Џамбазов.

Ова издание претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот.

„Сите ‘славејчиња’, поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна ‘Златно славејче’ и хористите на детскиот хор ‘Развигорче’, го нарекуваа својот диригент Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, чичко маестро Џамбаз. А тој возвратно, на шега, ги нарекуваше златни гавранчиња. Песните издвоени во оваа збирка денеска претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации, а авторскиот тим и издавачот сметаат дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата“.

Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, „За Маестрото“, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.

На улицата Орце Николов во Дебар Маало денеска ќе биде промовиран мурал посветен токму на Џамбазов.

Промоцијата на муралот, кој е дело на уметниците Драган Китановски-Даш и Марјан Димиќ-Мачка, е по повод роденденот на маестро Џамбазов.

Подготвено од М.Д.

About Author