21.02.2024 Скопје
Патувањето со воз е голем тренд во последните години. За многу патници тоа не е само превозно средство, начин да се стигне од точка А до точка Б, туку искуство кое често останува најубавиот дел од патувањето.
Бројните панорамски железнички правци водат низ неверојатни пејсажи, недопрена природа, обезбедуваат незаборавни глетки, внесуваат допир на романса и авантура во самото патување. Но, дали некогаш сте се запрашале кој е најбавниот воз во Европа?
Глечер Експрес во Швајцарија се гордее со тој прекар. Неговата просечна брзина е 36 километри на час.
Овој самопрогласен „најбавен експресен воз во светот“ ги поврзува популарните швајцарски дестинации – Зермат и Сент Морич.
Како и многу швајцарски возови, Глечер Експрес сообраќа непречено, и покрај карпестата планинска рута. Преминува 291 мост и поминува низ 91 тунел.
Конечно, се искачува до превојот Обералп, кој е 2.044 метри надморска височина – во текот на целата година, дури и кога има снег.
Оваа железничка рута според многумина е вистинско инженерско чудо, а и внатрешноста на возот е подеднакво импресивна, каде патниците можат да уживаат во менито кое нуди храна, грицки, убаво вино и попладневен чај, додека погледот лета кон алпската дивина како моќен магнет.
Една од почетните/крајните точки на Глечер Експрес, Сент Морич е вистински рај за сите оние кои практикуваат зимски спортови. Овој град двапати бил домаќин на Зимските олимписки игри.
Но, ако не сте за скијање или сноуборд, наместо тоа, можете да се одлучите за планинарење, планински велосипедизам или дури и одење по познатата патека за боб. За оние кои не се баш љубители на потењето или адреналинот, Сент Морич има голем број продавници, големи хотели и се што ви треба за да се опуштите со стил.
Глечер експрес се протега помеѓу Сент Морич и Зермат, но не мора да го започнете своето патување на тие станици.
За многу патници, градот Хур е одлична почетна точка. Често се нарекува најстариот град во Швајцарија, со археолошки локалитети кои датираат илјадници години.
Необичниот Стар град без автомобили е добро сочуван и одлично место за прошетка. Овде ќе ја најдете најголемата концентрација на ресторани и барови во земјата и најголемиот трговски центар помеѓу Цирих и Милано.
Зермат, другата главна почетна/крајна точка на Глечер Експрес, е високо рангирана меѓу најдобрите швајцарски одморалишта.
Покрај одличното скијање, планинарење и искачување, овде можете да го видите и Матерхорн – митска планина која е желба на секој вистински алпинист.
Она што е посебно за овој град е тоа што тука се забранети автомобили, а поради неговата близина до Италија, Зермат има изразен космополитски дух.
Од прекрасни дрвени куќи, шармантни кафулиња до луксузни продавници – овој скриен рај сместен длабоко во срцето на швајцарските Алпи ќе ве воодушеви и ќе ве натера да се враќате повторно и повторно, во различни периоди од годината.
Подготвено од А.Ѓ.