26.02.2024 Скопје
Реакции од сите страни откако премиерот Џафери се врати во улогата на командант Форина и упадна во просториите на СВР Тетово каде ги прекоруваше вработените, бараше отчет за нивната работа и им посочи дека 20 години бил војник и така не се работело.
Сите полициски синдикати во земјава остро го осудија однесувањето на техничкиот премиер.
Ваков преседан досега се нема случено, но и неетичко однесување од страна на премиер на држава кон полицијата, реагираат од Синдикатот на полицијата на Македонија.
Од независниот синдикат на полицијата пак велат и во минатото во предизборна кампања имало примери каде политичари собирале политички поени на грб на полицијата. Бараат извинување од Џафери за неговото однесување, но и за тоа што без да им најави ги снимал на работното место вработените во СВР Тетово.
Да не се меша политиката преку заплашувања со работата на полицијата, порачаа од македонскиот полициски синдикат од МВР, со најава дека ќе ги штитат нивните членови со сите средства кои им се на располагање.
Ги повикуваме политичките партии и нивните локални преставници да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе неможе да ги заплашува преставниците на синдикатот и безбедносните служби.
На крајот ги охрабруваме сите наши членови да ги пријават сите вербални притисоци врз нив, и да не потклекуваат на било какви притисоци од било кого во делот на нивната приватна политичка определба.
Иако сите полициски синдикати го повикаа Џафери да образложи зошто покажувал моќ врз полицијата, но и да се извини за неговото однесување, од кабинетот на техничкиот премиер и денеска молк.
Подготвено од М.Д.