14.02.2024 Скопје
Помошникот американски државен секретар Џејмс О’Брајан денеска изјави дека САД се загрижени поради декретот на Централната банка на Приштина (ЦБК) со кој се забранува употребата на динари на Косово и Метохија и посочи дека властите во Приштина треба да ја повлечат таа одлука.
Тој истакна дека со забраната на динарот, Приштина го доведе во прашање партнерството со САД, бидејќи таа ја донела таа одлука и покрај противењето на Вашингтон.
„Имав неколку разговори со Курти во периодот пред објавувањето на одлуката. Тој ја разбра нашата загриженост, вети дека ќе работи на тоа, но јасно реши да ја одобри одлуката. Доколку не третира како партнер, прашањето е дали можеме да го сметаме овој владин партнер“, рече О’Брајан.
Запрашан дали САД имаат намера да воведат рестриктивни мерки за Приштина доколку не се откаже од таа одлука, тој рече дека јавно не упатува „нејасни закани“.
„Но, ако тој не не третира како партнер, ние нема да ја третираме ниту владата на Косово како партнер“, рече О’Брајан.
Тој нагласи дека владата на привремените институции во Приштина треба да се откаже од одлуката за забрана на динарот, додавајќи дека декретот на ЦБК е донесен и покрај тоа што САД ја советувале владата во Приштина да не носи такви одлуки.
„Современите европски земји ги решаваат ваквите прашања преку прелиминарен дијалог и навреме ги информираат своите жители“, рече американскиот претставник.
Според него, владата во Приштина оставила одреден број граѓани на Косово „во недоумица како да плаќаат леб, кирија и струја“.
„Ова не е форма на ефективно владеење. Ние сме многу загрижени, бидејќи ова ја покажува неспособноста на владата да им служи на своите граѓани. Да се биде дел од Европа денес значи решавање на проблемите преку дијалог со ефективно планирање и предупредување. Оваа одлука беше објавена набрзина, без предупредување и без да се обидуваме да се користат механизми за да се најдат одговори на сите проблеми што може да се појават“, рече О’Брајан.
Подготвено од А.Ѓ.