09.02.2024 Скопје
Ана Павловска-Данева избрана за уставен судија. Со 65 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани, пратениците изгласаа професорката на Правниот факултет, да биде нов судија во уставниот суд.
Како и минатите седници, и овој пат, власта и опозиција меѓусебно се обвинуваа за стручноста на Данева. За пратениците на вмро дпмне, кои гласаа против предлогот на владејачкото мнозинство, со изборот на Данева, ќе се партизира Уставниот суд.
„Не е во прашање само стручната подготовка, многу битен е личниот интегритет и кредибилитет да се носи со позицијата и да не потпадне под партиски влијанија. Ана Павловска-Данева била носител на листа, пратеник и во еден момент потпретседател на СДСМ. Ќе речете тоа било пред неколку години, но треба јасно да се дефинира во закон колку години кандидатот не треба да се занимава со политика0“, изјави Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ.
За владеачката партија, Павловска Данева е вистински избор за позицијата бидејќи имала критички став и кон власта, и кон опозицијата. Им порачаа на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, да не заборават како во периодот кога тие биле на власт, се избирале судии.
„Од некојси тефтерчиња и се уште на власт има „сваровски“ судии. Парот Маневски одредуваше кои ќе бидат судии и обвинители. Тоа ќе го вратите назад? Прво да видиме какви сме ние, па да дискутираме какви се другите“, изјави Жаклина Лазаревска од СДСМ.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, откако постапката за избор на нови членови, заглави во Собранието. До неодамна во игра за нов уставен судија беше и поранешниот републички јавен обвинител Љубомир Јовевски, но по неколкунеделна дебата, предлогот беше повлечен.
Денеска во Собранието треба да се оддржи уште една седница на која треба да се расправа за предлогот Љупчо Коцевски да биде избран за јавен обвинител.
Подготвено од М.Д.