06.02.2024 Скопје
Информациите дека Polestar најави продажба на нов модел во Европа повторно ги активираа приказните за овој многу интересен бренд поврзан со Volvo, кој произведува исклучиво електрични автомобили од висока класа.
Пред се, прашање е дали имаат иднина или не. Volvo пред неколку дена објави дека ќе престане да го финансира развојот на овој бренд, но со образложение дека има светла иднина и затоа повеќе не му е потребна помош од ваков вид.
Како и да е, беше најавено дека Polestar 4 може да се нарача во Германија по основна цена од 61.900 евра, за верзијата со еден мотор со долг домет со 200 kW/272 КС и автономија до 610 километри. Двојно помоќниот Long Range Dual Motor чини најмалку 69.900 евра и би требало да помине до 580 километри.
Шведскиот електричен бренд, кој припаѓа на групацијата Geely, направи голем бум кога станува збор за претставување на нови модели. Polestar 2, кросовер седан позициониран во средната класа и на пазарот од 2020 година, беше продаден околу 160.000 пати до крајот на минатата година. Успешен модел.
По него следи Polestar 3, спортски теренец во сегментот на луксузната класа.
Производството на Polestar 3 наместо во САД наскоро ќе започне во Ченгду, Кина. Првите возила се очекуваат во Европа на почетокот на летото. Во втората половина на годината американската фабрика во Риџвил, Јужна Каролина, ќе ја преземе диригентската палка и ќе ги снабдува северноамериканските и европските пазари со Polestar 3.
4,90 метри долгиот SUV сè уште се заснова на SPA 2 на Volvo (Scalable Product Architecture), понатамошна развиена верзија на платформата за мотори со согорување SPA. Вградена е батерија од 111 kWh, што овозможува домет од над 600 километри. Launch Edition може да се нарача во Австрија и чини 89.900 евра.
Polestar 4, кој пристигнува ова лето, ќе ја намали разликата помеѓу Polestar 2 и 3 како SUV купе. Сепак, Polestar 4 не дели платформа со Polestar 3, туку е базиран на SEA (Scalable Electric Architecture) на Geely. Основната верзија има погон на задните тркала, а 200 kW/272 КС исто така треба да надмине 600 километри.
Во верзијата со два мотори, достапна е двојно поголема моќност. Во двата случаи, капацитетот на батеријата е 102 kWh. Посебна карактеристика на Polestar 4: нема задно стакло, но се гледа одзади со помош на камера. Моделот првично ќе се произведува во Geely, во заливот Хангжу, Кина, а од средината на 2025 година во Бусан, Јужна Кореја.
Истата година, шведскиот бренд на својата агенда го има Polestar 5. Елегантниот спортски седан долг пет метри е тесно заснован на студијата Precept прикажана во 2020 година и стои на различна, трета платформа. Развиена во Англија, целосно е направена од алуминиум, целосно може да се рециклира и се смета за прва архитектура на Polestar „in-house“ (800 волти).
Соодветниот погон е направен во Гетеборг, Шведска. Само задниот мотор произведува огромни 450 kW. Заедно со предниот мотор од 200 kW, Polestar 5 има импресивни 650 kW/884 КС и 900 Nm.
Подготвено од А.Ѓ.