15.02.2024 Скопје
Русија изврши нов ракетен напад врз Киев и вкупно седум региони низ Украина, а украинските власти соопштија дека се повредени шест лица, оштетена е инфраструктурата и станбените и деловните објекти. Ова беше втор ракетен напад овој месец.
Руските сили гаѓаа седум украински региони низ целата земја, вклучително и Киев и градовите Днипро, Запорожје и Лавов, соопшти украинската војска.
Шефот на воената администрација во Киев, Сергеј Попко, изјави дека проектилите се приближиле до главниот град од различни правци.
Попко рече дека противвоздушната одбрана ги соборила сите ракети насочени кон Киев и дека нема големи штети или жртви во градот.
Во градот Лавов, во близина на границата на Украина со Полска, погоден е инфраструктурен објект, изјави регионалниот гувернер Максим Козицки.
Тој додаде дека во нападот се повредени две лица. Оштетени се и станбени куќи и приватни автомобили.
Инфраструктурата беше погодена и во регионот Хмелницки, на запад, и градот Запорожје на југоисток, соопштија регионалните власти. Четири лица се ранети, а оштетени се и училиште и продавница во Запорожје, соопштија градските власти.
Повеќе од два часа траеја предупредувањата за опасност од воздух низ Украина.
Подготвено од А.Ѓ.