14.02.2024 Скопје
Владата на Србија и додели посебно јавно признание, доживотна месечна плата на наставничката по историја во белградското основно училиште (ОШ) „Владислав Рибникар“ Татјана Стевановиќ како израз на поддршка и почит за храброста што ја покажала кога била ранета додека предавала во масовното пукање на 3 мај минатата година.
Иницијативата за доделување на ова признание на Стевановиќ ја покренаа група наставници и ученици од основното училиште „Владислав Рибникар“ откако собраа повеќе од 13.000 потписи од граѓани, соопшти Владата на Србија.
„Со оглед на тоа што се работи за тема за која јавноста е многу заинтересирана, дека се работи за уникатен случај на доделување на јавно признание во вид на доживотен месечен паричен приход, како и што предложената мерка има добиено димензии кои имаат општо значење, Владата на Србија одлучи да ја прифати оваа иницијатива која доаѓа од образовниот систем и која има широка поддршка кај граѓаните“, се наведува во соопштението.
Од Владата изјавија дека масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ е случај кој продолжува да ја тресе јавноста, дека бара реакција од државата во повеќе правци и дека прифаќањето на оваа иницијатива е начин за олеснување на материјалната состојба на ранетата наставничка откако е тешко повредена и со последици кои ќе ги носи до крајот на животот, но и можност преку оваа мерка да се покаже солидарност и емпатија.
„Идејата дека ранетата наставничка по историја треба да добие некаков вид паричен надоместок како додаток на месечните примања кои би биле постојани, до крајот на животот, кој не е пренослив, туку редовен и кој би се исплаќал секој месец согласно со растот на трошоците, беше поддржан од Федерацијата независни синдикати на Белград“, се заклучува во соопштението.
Подготвено од А.Ѓ.