antartik prebrzo topenje klimatski nepogodi

26.02.2024 Скопје

Морскиот мраз на Антарктикот веќе трета година по ред достигнува алармантно ниско ниво. Површината на морето под мразот околу Антарктикот се спушти на под два милиони квадратни километри од почетокот на мерењата на сателитите во 1979 година.

Рекордно ниската површина под морскиот мраз околу Антарктикот, на која укажуваат најновите податоци на Американскиот центар за снег и мраз, потврдува дека во претходните три години количината на пловечки мраз на континентот била најмала досега.

Научниците истакнуваат дека ова е уште една година во која е забележан пад на површината на морскиот мраз и е доказ за „промена на режимот“, а континентот помина низ „ненадејна критична транзиција“. Мразот на антарктикот го достигнува најниското ниво во текот на летото на континентот, во февруари секоја година.

Петдневниот пресек, кој беше направен на 18 февруари, покажа дека површината на мразот паднала на 1,99 милиони квадратни километри, а на 21 февруари таа изнесуваше 1,98 милиони.

Најниското ниво беше забележано во февруари 2023 година, кога нивото на мразот беше 1,78 милиони квадратни метри.

„Сигурно е дека во претходните три години се забележани најниски нивоа на мраз“, вели Вил Хобс, научник за мраз од Универзитетот во Тасманија.

„Се чинеше дека ледената покривка малку закрепна во декември минатата година како што напредуваше повторното замрзнување, но потоа повторно падна. Нема сигурни мерења за тоа колку е густ морскиот мраз на Антарктикот“, рече Аријана Пуриќ, климатолог специјализиран за Антарктикот и Јужниот Океан на Универзитетот Монаш.

Научниците сè уште истражуваат што предизвикува опаѓање на морскиот мраз, но се загрижени дека глобалното затоплување може да игра значајна улога, особено со затоплување на Јужниот Океан што го опкружува континентот.

Морскиот мраз го рефлектира сончевото зрачење, што значи дека помалку мраз може да доведе до повеќе затоплување на океаните. Волт Мајер, постар научник во Националниот центар за податоци за снег и мраз, истакна дека големи количини мраз се топат секое лето.

„Со многу нискиот максимум во септември минатата година, мразот беше веројатно потенок во просек во многу области, но тешко е да се каже колкаво влијание имаше врз стапката на топење и приближувањето до минимумот“, рече Волт Мајер.

Научниците предупредија дека губењето на морскиот мраз е само една од неколкуте големи промени што се забележани на Антарктикот, а кои веројатно ќе имаат глобални последици, бидејќи неговата загуба изложува голем дел од континентот на океанот, забрзувајќи ја загубата на копнениот мраз, што може да го зголеми глобалното ниво на морињата.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author