ljupco-kocevski-

16.02.2024 Скопје

Да бидеш државен јавен обвинител е тешка и одговорна работа пред која стојат многу предизвици, но ценам со моето долгогодишно искуство и знаење можам да одговорам за функцијата што би ја обавувал, изјави денеска новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, веднаш по свечената изјава пред претседателот на Собранието, Јован Митрески.

Транспарентноста е едно од основните начела во програмата доставена до пратениците и јавноста, вели Коцевски, бидејќи како што рече, транспарентноста ќе ја поттикне отчетноста, одговорноста, ефикасноста кај самите обвинители, а сето тоа ќе ја зголеми довербата во јавноста.

„Јавното обвинителство треба да биде единствениот орган што ќе се бори против корупцијата и ценам ова што го ветувам ќе го исполнам. Во однос на транспарентноста, еве пред медиумите изјавувам дека јас и Обвинителството ќе бидеме отворени за јавноста и ќе бидеме во секое време достапни за информации кои што се во интерес на јавноста“, рече Коцевски.

Посочи дека не би навлегувал во детали во однос на одредени предмети, но истакна дека Обвинителството ќе отвора предмети за сите поднесени пријави и ќе нема селективна селекција во гонењето на сторителите на кривичните дела.

„Ценам денеска и формат на заклетвата и денешниот ден, не би навлегувал во детали во однос на одредени предмети, но секако за било што Јавното обвинителство ќе формира предмети за сите поднесени пријави, за сите оние што по допрен глас ќе стигнат до јавниот обвинител и ќе нема никаква селективна селекција за евентуално гонење на сторители на кривичните дела“, изјави Коцевски.

Собранието завчера едногласно со 62 гласа „за“ го избра Коцевски за нов државен јавен обвинител.

Коцевски беше предложен како единствен кандидат за нов државен јавен обвинител откако обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, а за обвинителката Фатиме Фетаи, Судскиот совет не се расправаше поради нецелосно доставена документација.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година. Во моментов, в. д. републичка обвинителка на местото на Љубомир Јовески е обвинителката Соња Симовска.

Подготвено од М.Д.

About Author