28.02.2024 Скопје
Вработените на Универзитетот Св. Кирил и Методиј Скопје од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за јануари, соопшти Министерството за образование и наука.
Во допис до медиумите МОН наведува дека со ова почнува исполнувањето на обврската на државата која произлегува од колективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29 декември 2022, а со примена од 1 јануари 2024.
„Вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основ на плата за околу 22 отсто, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од март, кога е предвидено зголемување на минималната плата во државата. Станува збор за обврска согласно колективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија како основач на високообразовната установа, а чија цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на универзитетот“, информира МОН.
Според ова министерство, примената на договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно-научниот процес, како што посочува, „во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси“.
„Министерството за образование и наука во координација со другите надлежни институции ќе се залага за унапредувањето на правата на вработените во високото образование и науката да продолжи и во иднина, а приоритет ќе биде поттикнување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети“, соопшти Министерство за образование и наука.
Подготвено од М.Д.