https://www.facebook.com/photo.php?fbid=300433375464265&set=pb.100064928130593.-2207520000..&type=3

16.02.2024 Скопје

Министерството за образование и наука за академската 2024/2025 година ќе додели стипендии за прва година на додипломски студии од сите области на еден од првите десет и од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката на еден од првите сто рангирани универзитети на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг Универзитет (Шангајска листа).

На корисникот на стипендија му се надоместуваат трошоците за уписнина во висина од најмногу 40.000 американски долари годишно, исплатени во соодветна валута, еден авионски билет на почетокот на студиите и еден по завршување на студиите или еден повратен авионски билет.

Месечната стипендија се исплаќа согласно Решението за утврдување на начинот на пресметка на трошоците за месечна стипендија на студенти кои студираат во странство за академската 2024/2025 година на прв циклус на студии (врз основа на Листата на индекси на малопродажни цени за животни трошоци, која е објавена од надлежните органи на Обединетите нации).

Во конкурсот е наведено дека избраниот кандидат со договор ќе биде обврзан доколку ја добие стипендијата, за секоја година помината на студии во странство да работи две години во Република Северна Македонија. По завршувањето на студиите и враќањето во земјава  е должен шест месеци да биде на располагање за вработување во органите на државната управа, како и во државните високообразовни и научни установи.

„Во случај кандидатот да одлучи по завршувањето на студиите, да не се врати во Република Северна Македонија и не ја исполни обврската потребно е да ги врати сите исплатени средства доделени за стипендија во износ десетпати поголем од износот на стипендијата, најдоцна во рок од една година од завршувањето на студиите“, стои во конкурсот.

Кандидатот ќе бидат ослободен од обврската да се врати во Република Северна Македонија по завршувањето на студиите доколку во рок од три месеци од дипломирањето се вработи во компанија од Fortune top 500 листата во странство.

„Во ваквите случаи тој може да остане во странство максимум три години со цел стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што е обврзан да се врати во Република Северна Македонија и да ја одработи обврската специфицирана во точка 1 погоре“, стои во конкурсот.

Во конкурсот се наведени условите за доделување на стипендијата и документите потребни за аплицирање.

Рокот за пријавување е 13 септември 2024.

Подготвено од М.Д.

About Author