21.02.2024 Скопје
Министерството за култура денеска пред Универзалната сала ќе го објави почетокот на градежните работи на овој објект.
Најавено е присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски, управителот на фирмата изведувач „Универзал-Балкан“, Билјана Блажевска, проектант од „Мегарон инженеринг“, Бујар Муча и надзорниот инженер од ЕОС Е.Е.,Љубин Макровски.
Министерството за култура неодамна со Договор ги презема од Град Скопје правата за реконструкција и адаптација на Универзалната сала.
Универзална сала почна да се реконструира во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Градежните работи за првата фаза, надворешноста, почнаа во септември 2021 непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на функција на Данела Арсовска работите беа стопирани и салата две години стои разурната и отворена.
Арсовска тогаш велеше дека нема да ја гради Универзална сала оти проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.
За годинава обезбедени се 120 милиони денари за реконтрукција на Универзалната сала, а предвидени се средства и за следните две години. Реконструкцијата треба да биде готова за три години. За 2025 година се обезбедени 443 милиони денари и истата таа сума се предвидува и за во 2026 година.
Во јули минатата година Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.
Универзалната сала е затворена од март 2015 година.
Подготвено од М.Д.