16.02.2024 Скопје
Претседавачот на Минхенската безбедносна конференција (МСЦ), Кристоф Хојзген, во својот извештај истакна дека светот во 2024 година го карактеризира „назадување на глобалната политика поради зголемените геополитички тензии и економската неизвесност“.
Воени претставници, безбедносни експерти и високи политичари од целиот свет повторно ќе се сретнат во Минхен од 16 до 18 февруари. Се очекува присуството и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Агресорската војна на Русија против Украина во минатогодишниот извештај (Минхенски безбедносен индекс) беше оценета како најголема закана за безбедноста, особено во земјите од Г7. Тој извештај традиционално се објавува пред почетокот на конференцијата во главниот град на германската покраина Баварија.
Во актуелната анкета за состојбата во светот беа прашани 12.000 луѓе – во развиените земји од Г7 (Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД), но и од Бразил, Индија, Кина, Република Јужна Африка и од Украина. Заканата од Русија и натаму е оценета како повисока отколку што беше пред големата инвазија на Москва врз Украина пред две години.
Но, последиците од „миграцијата поради војна и климатските промени“ сега се сметаат за уште поважен проблем. Очигледно е дека испитаниците во октомври и во ноември 2023 година донекаде се навикнаа на војната во Украина.
Во Украина, испитаниците беа прашани и за тоа кои би биле „прифатливи услови за прекин на огнот“, а 92 отсто од нив побарале целосно повлекување на руските трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим. Само дванаесет отсто сметале дека е прифатливо само Крим да остане во составот на Русија. Повеќе од две третини сакаат Украина брзо да биде примена во Европска унија и во НАТО.
Генерално, незадоволството од економските услови во светот расте. „И покрај големите достигнувања во периодот по Студената војна“ се „главните актери на Западот“, но и „моќните автократии и земји од т.н. на Глобален југ“, незадоволни од „статусот кво и својот удел во светската економија“.
Глобализацијата во целина назадува. Чувството на конкуренција и значително зголемената потреба за безбедност преовладува во денешниот свет. Особено во Кина сè помалку влегува странски капитал.
„Засиленото геополитичко ривалство го поткопа верувањето дека глобализацијата управувана од пазарот ќе доведе до правична распределба на профитот“, се вели во извештајот. Затоа државите даваат приоритет на „одбранбените способности и безбедносните прашања пред економската ефикасност“.
„Драматичните политички промени“ во светот се рефлектираат во „макроекономската реалност“. Западните текови на капитал се пренасочени од Кина кон други партнери.
„Трговските текови, исто така, покажуваат знаци на реструктурирање по геополитички линии“, се вели во Минхенскиот извештај за безбедност, кој генерално дава многу песимистичка слика за меѓународното поврзување во светот.
Под англискиот наслов „Lose-Lose“, десеттиот безбедносен извештај опишува дека во сегашната напната светска ситуација сите губат. Според истражувањето, перцепциите за ризикот од воен конфликт во Индо-Пацификот меѓу Кина и Тајван нагло се зголемија. Стравот од сè посамоуверена Кина е особено висок во Јапонија, а потоа следат Индија, САД, Германија и Франција.
Во земјите од Г7, „голем дел од населението верува дека нивните земји ќе бидат помалку безбедни и просперитетни за десет години“, пишува Хојзген. Во исто време, анализата на резултатите од истражувањето покажува дека луѓето во земјите од Г7 очекуваат зголемување на моќта и влијанието на Кина и земјите од Глобалниот југ на сметка на нивните земји.
Синџирите на снабдување меѓу Азија и другите делови на светот, кои претходно беа испреплетени, сè повеќе се одвојуваат. Европа, а особено Германија, се издвојува како исклучок.
Кога станува збор за Кина, германската влада спроведува политика на намалување на економската зависност. Тоа започна за време на пандемијата со корона, кога за време на затворањето дојде до колапс во синџирите на снабдување меѓу Германија и Кина, а оваа политика доби на интензитет со ставање крај на долгорочната енергетска зависност од Русија. Но, се чини дека тоа засега не се одразува во опипливи бројки.
Улога во анализата игра и растечкото воено влијание на Русија во зоната Сахел. Државниот удар во Нигер покажува губење на влијанието на Западот, особено на поранешната колонијална сила Франција. Русија, од друга страна, се обидува да ги „одвои земјите од Сахел од Европа и од САД“.
Подготвено од А.Ѓ.