27.02.2024 Скопје
„За Грција не станува збор за испраќање европски или НАТО сили во Украина“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по конференцијата на европските лидери за Украина, организирана од францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Париз.
Мицотакис рече дека тоа е и ставот на „повеќето негови колеги“, нагласувајќи дека ова прашање ги „дезориентира напорите“ за поддршка на Украина.
Тој додаде дека на средбата било потврдено единството и одлучноста на сојузниците да ја поддржат Украина да се брани од руската инвазија.
Макрон по конференцијата изјави дека нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, но нагласи дека „ништо не треба да се исклучи“.
„Во моментов нема консензус за испраќање војници. Ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме се за Русија да не победи“, рече Макрон на прес-конференција.
На самитот во Париз присуствуваа околу 20 европски лидери, а Елисејската палата објави дека целта на состанокот е да му се испрати на рускиот претседател Владимир Путин „порака дека Европа е решена да и помогне на Украина и да се спротивстави на „наративот на Кремљ“ дека „Русија мора победи во војната, која влезе во третата година“.
Подготвено од А.Ѓ.