supermesechina

03.02.2024 Скопје

Делот од Месечината околу кој има меѓународна трка, поради она што може да се наоѓа во мразот на нејзината површина, може да биде попроблематичен и поопасен отколку што првично се мислеше.

Интересот за Јужниот пол на Месечината порасна по успешното слетување на индиската мисија Чандрајаан-3 на него на крајот на минатата година. Особено, затоа што само неколку дена претходно, рускиот Луна-25 не успеа да го стори тоа.

НАСА ја избра областа како место за слетување на мисијата Артемида III, која би можела да го означи враќањето на астронаутите на природниот сателит на Земјата веќе во 2026 година. Исто така, не може да се исклучи ниту Кина, која има планови да постави населба на тој дел од Месечината.

И додека сето тоа звучи одлично во теорија, во пракса може да биде поинаку.

Студијата финансирана од НАСА покажува како јадрото на Месечината постепено се лади и се намалува, а неговата површина се збрчка како грозје што се суши, создавајќи потреси кои траат со часови и предизвикуваат лизгање на земјиштето. Ова потенцијално претставува закана за идните доселеници и опремата што се испраќа таму.

„Ова не го кажуваме за да исплашиме никого, и секако за да не го обесхрабриме понатамошното истражување на тој дел од јужниот пол на Месечината, туку за да предупредиме дека тоа не е толку бенигно место каде што ништо не се случува“, истакна Томас Вотерс, водечки автор на студијата и почесен научник во Американскиот центар за Земја и планетарни студии на Националниот музеј за воздух и вселена.

Месечината се намали за 45 метри во обем во последните неколку милиони години, што не е многу за да предизвика некакви проблеми на Земјата.

На површината на Месечината, пак, приказната е поинаква. И покрај тоа што сугерира нејзиниот изглед, Месечината е сè уште жешка внатре, што ја прави сеизмички активна.

„Постои надворешно јадро кое се топи и лади. Како што се лади, Месечината се намалува, внатрешниот волумен се менува, а кората мора да се прилагоди на таа промена“, објасни Вотерс.

Бидејќи површината на Месечината е кревка, ова повлекување предизвикува „пукнатини“, како што ги нарекуваат геолозите.

„Месечината се смета за геолошки мртов објект каде ништо не се случило со милијарди години, но тоа е далеку од вистината. Овие пукнатини се многу млади и постојано нешто се случува на Месечината. Оттаму доаѓаат новите свлечишта“, вели Вотерс.

Најголем проблем се земјотресите. Најсилниот регистриран земјотрес бил со јачина еквивалентна на 5,0 степени. На Земјата ова би се сметало за умерено, но помалата гравитација на Месечината ја прави посилна. Поради отсуството на гравитација, дури и мало тресење на земјата би го соборило човекот на земја.

Тие потреси навистина би можеле да бидат проблем за идните мисии со екипаж, рече Јосио Накамура, почесен професор по геофизика на Универзитетот во Тексас во Остин, член на тимот истражувачи кои први ги разгледаа податоците собрани од сеизмичките станици Аполо.

Сепак, Накамура, кој не бил вклучен во студијата, не се согласува за причината за земјотресите и вели дека податоците на Аполо покажуваат дека феномените се случуваат на десетици километри под површината.

Без оглед на причината, потенцијалната опасност што земјотресите на Месечината ја претставуваат за астронаутите ќе биде ограничена со фактот што, барем во блиска иднина, луѓето ќе бидат на Месечината кратко време, најмногу неколку дена, според Алена Хаскер, истражувач и професор по геофизика на Калифорнискиот институт за технологија, која исто така не била вклучена во студијата.

Подготвена од А.Ѓ.

About Author