29.02.2024 Скопје
Денес, повеќе од 30 медиумски компании, вклучувајќи ги Аксел Спрингер и Шибстед, ја тужеа матичната компанија на Google Alphabet за отштета од 2,1 милијарди евра, поради претрпените загуби во врска со практиките на компанијата во дигиталното рекламирање.
Поради тоа, акциите на оваа американска компанија паднаа за повеќе од два отсто.
Медиумските куќи кои го тужеа Google се лоцирани во Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Унгарија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија и Шведска.
„Медиумските компании вклучени во тужбата претрпеа загуби поради помалку конкурентен пазар како директен резултат на недоличното однесување на Google“, се вели во соопштението на нивните адвокати.
Тие посочуваат дека без злоупотреба на Google на својата доминантна позиција, медиумските компании би добиле значително поголеми приходи од реклами и би платиле помали давачки за услугите за рекламна технологија.
„Најважно е дека овие средства можеше да се реинвестираат во зајакнување на европскиот медиумски простор“, велат адвокатите.
Тие, исто така, ја наведоа казната од 220 милиони евра на француското антимонополско тело против Google за нејзиниот рекламно-технолошки бизнис во 2021 година, како и обвинувањата на Европската комисија минатата година за поддршка на тужбата на својата групација.
„Доколку следи регулаторен надзор, Google можеби ќе треба да ги промени своите сегашни практики и да обезбеди поконзистентни и предвидливи цени за огласувачите“, велат адвокатите.
Портпаролот на Google во соопштение рече дека компанијата се противи на тужбата, додавајќи дека таа е „шпекулативна и опортунистичка“.
„Google работи конструктивно со издавачите низ Европа, а нашите алатки за рекламирање се приспособени и развиени во партнерство со истите тие издавачи“, рече тој.
Компанијата минатата година соопшти дека не се согласува со антимонополските обвиненија на Европската унија против нејзиниот бизнис со рекламна технологија.
Издавачите ширум светот во последниве години се жалат дека, поради зголемената доминација на високата технологија во рекламирањето, нивниот удел во приходите се намалува.
Според аналитичарите, Google е најдоминантната платформа за дигитално рекламирање во светот.
Подготвено од А.Ѓ.