kandidati-1024x536

22.02.2024 Скопје

Актуелниот претседател Стево Пендаровски доби поддршка од највисокото раководство на владејачката СДСМ за втор мандат, додека единствена кандидатка пријавена на јавниот оглас на ВМРО-ДПМНЕ е професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова. Пендаровски и Силјановска Давкова беа противкандидати и на минатите претседателски избори во 2019 година.

На ден пред почетокот на рокот за собирање потписи за претседателски кандидати и за пратеници, во период од еден час најголемите политички партии ги соопштија своите претседателски кандидати, кои треба да добијат поддршка на партиски конвенции на почетокот на март.

Од СДСМ вчера брифираа дека на состанок на раководството е одлучено Стево Пендаровски да биде поддржан за кандидат за претседател на државата. Оваа одлука деновиве ќе се најде пред членовите на Извршниот и Централниот одбор на партијата. Наредните денови се веќе планирани средби со коалициските партнери, а на 3 – ти март ќе биде и официјалната промотивна конвенција.

„Пендаровски е победнички кандидат, со најголем коалициски капацитет, кој заедно со СДСМ и со партиите од прогресивниот, демократски блок, силно ја споделува визија за европска иднина на државата. Тој во досегашниот мандат го врати интегритерот и кредибилитетот на институцијата претседател и покажа што значи да се биде претседател за сите граѓани“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова се пријавила на јавниот оглас на партијата за претседател на државата. За нејзината кандидатура ќе се одлучува од страна на делегатите на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател која ќе се одржи на 2 март.

„Во врска со јавниот повик за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија ја информираме јавноста дека крајниот рок за поднесување на пријава истекува денес. На истиот се пријави проф-др Гордана Силјановска-Давкова која поднесе план, програма за работа и потребен број на потписи на делегати“, се посочува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

За кандидатот на ДУИ во јавноста се уште се типува, иако медиумите јавуваат дека кандидат за претседател на партијата би можело да биде актуелниот шеф на дипломатијата Бујар Османи. Од ДУИ најавија дека денеска Али Ахмети ќе соопшти важна вест. Партиски извори брифираат дека можен кандидат е и Фатмир Дехари, актуелен градоначалник на Кичево.

Централниот одбор на ГРОМ синоќа поддршка му даде на претседателот на партијата Стевчо Јакимовски.

Претходно, Европскиот сојуз за промени соопшти дека нивен кандидат ќе биде Арбен Таравари, претседател на едното крило на Алијанса за Албанците.

Подготвено од М.Д.

About Author