14.02.2024 Скопје
Лондонскиот аеродром Гетвик, вториот по големина аеродром во Велика Британија, е најстресниот аеродром во светот, покажа истражувањето на сајтот за информации за визи VisaGuide.World.
Второто место го зазема турскиот аеродром во Истанбул, кој е најпрометниот аеродром во Европа, со повеќе од 64 милиони патници во 2022 година. Големината на овој најфреквентен европски аеродром, кој опфаќа повеќе од 76 милиони квадратни метри, често претставува навигациски предизвик за патниците.
На трето место е германскиот аеродром во Минхен, кој опслужува половина од патничкиот сообраќај на аеродромот во Истанбул, но е значително помал по големина.
Меѓународниот аеродром Денвер во САД е на четврто место, а по него е аеродромот Хитроу, вториот најфреквентен аеродром во Европа.
Други аеродроми во топ 10 најстресни се Меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, Меѓународниот аеродром Рим Фиумичино, Меѓународниот аеродром Далас-Форт Ворт, Меѓународниот аеродром Џон Ф. Кенеди во Њујорк и Меѓународниот аеродром во Чикаго О’Харе.
Истражувањето опфатило 1.642 патници од 53 земји, кои оствариле најмалку две меѓународни патувања во 2023 година, кои одговарале на прашања за аспектите на воздушниот сообраќај кои предизвикуваат стрес, како што се голем број патници, преполни аеродроми, чести доцнења и оддалеченост на аеродромот од центарот на градот.
Подготвено од А.Ѓ.