10.02.2024 Скопје
На светско ниво какаото го сруши рекордот по цена со 5.874 долари за тон, што е последица на сушите на плантажите во Западна Африка.
Оваа сума, евидентирана на суровинскиот пазар во Њујорк, е речиси двојно поголема од почетокот на минатата година.
Какаото поскапе поради лошата жетва предизвикана од многу ретки врнежи, пред се во земјите кои се два најголеми светски производители – Гана и Брегот на Слоновата Коска.
Британскиот јавен сервис посочува дека штетите во Западна Африка се всушност последица на феноменот на климатскиот систем Ел Нињо.
„Трговците стравуваат од уште една лоша година за производството, а стравувањата ги зголеми Ел Нињо, кој им се заканува на посевите во Западна Африка со топло и суво време“, рече аналитичарот Џек Сковил.
Зголемувањето на цената на зрната какао ги зголемува трошоците на големите производители на чоколада, што ќе се одрази и на цената за потрошувачите.
Производителот на чоколадо „Херши“ во четвртокот објави пад на приходите од 6,6 отсто за четвртиот квартал од минатата година, откако граѓаните под притисок на инфлацијата купуваа помалку слатки.
Во декември 2023 година, британското здружение за заштита на потрошувачите „Which?“ објави дека цените на некои празнични чоколадни бонбони пораснале за најмалку 50 отсто во однос на истиот период во 2022 година, додека во ноември цените на чоколадите во британските супермаркети пораснале за 15,3 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.