protest na lekari portugalija

26.02.2024 Скопје

Јужнокорејската влада денеска на младите лекари им даде рок од четири дена да се вратат на работа, во спротивно ќе бидат казнети поради организирање на седумдневен штрајк за време на кој беа прекинати услугите во голем број болници.

Јужнокорејската влада нареди околу 9.000 медицински практиканти и специјализанти да се вратат на работа за да избегнат да се соочат со обвиненија и суспензија на нивните медицински лиценци.

Тие ја напуштија работата на почетокот на минатата недела за да го изразат своето незадоволство поради планот на владата да го зголеми бројот на студенти во медицинските факултети за 65 отсто.

Напуштањето на работните места сериозно го наруши редот на операциите во болниците, па имаше бројни откажувања на хируршки процедури и други видови третмани.

Владините претставници велат дека зголемувањето на бројот на лекари е неопходно за да се реши проблемот со брзо стареење на нацијата.

Сегашниот сооднос лекар-пациент во Јужна Кореја е еден од најниските во развиените земји.

Штрајкувачите велат дека колеџите не можат да примат толку многу нови студенти и велат дека планот нема да го реши хроничниот недостиг на лекари во некои клучни области, како што се педијатријата или итните служби. Младите лекари бараат надлежните прво да се позанимаваат со висината на платите и условите за работа, а потоа и со зголемување на бројот на идните лекари.

Заменик-министерот за здравство Парк Мин-су рече дека владата нема да покрене дисциплински мерки против лекарите кои штрајкуваат доколку се вратат на работа до четврток.

„Нивниот рок е 29 февруари. Дотогаш нема да ги сметаме за одговорни за каква било штета предизвикана од нивното напуштање на работа“, рече Парк.

Сепак, оние што ќе го пробијат рокот ќе бидат казнети со најмалку три месеци суспензија на нивната медицинска лиценца и ќе се соочат и со правни мерки, како што се истраги и потенцијално обвиненија.

Според законот за здравство на Јужна Кореја, владата може да им нареди на лекарите и другиот медицински персонал да се вратат на работа доколку постои закана за јавното здравје.

Одбивањето да се усогласат со таквата наредба може да им донесе до три години затвор или парична казна од 22.480 долари, како и одземање на нивната медицинска лиценца.

Во Кореја има околу 13.000 практиканти и специјализанти, повеќето од нив работат и тренираат во 100 болници, а тие претставуваат околу 30 до 40 проценти од сите лекари во некои големи болници.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author