19.02.2024 Скопје
Израелскиот министер Бени Ганц постави краен рок до 10 март за Хамас да ги ослободи сите израелски заложници, заканувајќи се со офанзива врз градот Рафах, каде што повеќе од милион Палестинци се засолниле од израелските напади.
Тел Авив за прв пат одреди датум кога би можел да испрати војска во палестински град на границата со Египет каде што се засолниле повеќе од милион палестински цивили.
„Светот мора да знае, лидерите на Хамас мора да знаат – ако до Рамазан нашите заложници не се вратат дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и во областа Рафах“, рече Ганц во неделата.
Оваа година Рамазан, светиот месец на постот во муслиманскиот свет, започнува на 10 март.
Израел „ќе ја координира и олесни евакуацијата на цивилите во дијалог со нашите американски и египетски партнери со цел да се минимизираат цивилните жртви“, додаде министерот.
До почетокот на Рамазан остануваат уште точно три недели, а бегалците се уште се во Рафах, само неколку од нив се упатиле кон запад, кон брегот.
И покрај меѓународниот притисок, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави копнен напад врз Рафах, кој треба да ги елиминира членовите на Хамас.
Подготвено од А.Ѓ.