02.02.2024 Скопје
Оваа година Италија ќе обезбеди 950 милиони евра стимулации за граѓаните да купуваат почисти автомобили со цел да го заживее производството во автомобилскиот сектор со поддршка на побарувачката.
Рим ќе обезбеди до 13.750 евра субвенции за граѓаните со најниски примања за да им помогне да купат ново, целосно електрично возило по цена до 35.000 евра без ДДВ, соопшти денеска Министерството за индустрија.
Истата приходна група ќе има право на стимулација до 10.000 евра за нов plug-in хибрид кој чини до 45.000 евра.
Владата ќе даде стимулации и за набавка на најсовремени возила со мотори со внатрешно согорување, но тие ќе бидат помали.
Досега граѓаните за набавка на електрични возила можеа да сметаат само на најмногу 5.000 евра.
Стимулациите се дел од програмата за помош на автомобилската индустрија што ја најави владата во 2022 година. Вкупната вредност на мерките е осум милијарди евра.
Објавувањето на новите стимулации се совпадна со судирот на владата со автомобилскиот гигант Stellantis, сопственик на Fiat.
Премиерката Џорџија Мелони минатата недела рече дека Стелантис, производителот на Фиат кој работи и во Франција и во Америка, понекогаш правел деловни потези штетни за националните интереси на Италија.
Извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, одговори дека италијанските стимулации за развој на електрични возила се помали од оние во другите големи европски земји, а таквите политики го кочат производството.
Од минатото лето, Рим и Стелантис преговараат за долгорочен план за промена на трендот. Целта е да се зголеми производството на Stellantis во Италија на еден милион возила. Минатата година произвеле околу 750.000.
Министерот за индустрија Адолфо Урсо изјави дека Stellantis се обврза да го зголеми производството на еден милион возила. Тоа би значело дека ќе се врати на нивото од 2017 година.
Италија би можела да се натпреварува со француската влада со преземање на удел во Stellantis, изјави министерот.
„Ако (извршниот директор – оп. уред.) Таварес тврди дека Италија треба да го следи примерот на Франција, која го зголеми сопственичкиот удел во Stellantis, можам да го кажам тоа. Можеме да разговараме за тоа“, рече Урсо.
Додека беше во опозиција, Урсо го повика државниот заемодавач Cassa Depositi e Prestiti (CDP) да купи удел во Stellantis.
Во јуни минатата година, претседателот на Stellantis, Џон Елкан, рече дека неговата компанија не треба да ја додаде италијанската држава на своите акционери.
Компанијата изрази задоволство од новите стимулации.
„Производството е тесно поврзано со побарувачката на пазарот и ако сакаме да исполниме одредени цели, мора да се грижиме и за потрошувачите и за производителите“, рече шефот за корпоративни работи на Stellantis Италија, Дејвид Меле на состанокот со владини претставници и синдикатите.
Подготвено од А.Ѓ.