16.02.2024 Скопје
Ирска најави дека ќе плати 20 милиони евра за поддршка на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) и ги повика земјите кои ја прекинаа помошта да продолжат со исплатите на Агенцијата.
„Ги повикувам другите донатори да продолжат и да ја прошират својата поддршка за УНРВА за да може агенцијата да продолжи да им помага на милиони палестински бегалци“, изјави ирскиот министер за надворешни работи Мајкл Мартин по состанокот со генералниот комесар на УНРВА, Филипе Лазарини.
УНРВА, која обезбедува услуги во образованието, здравството и други области, моментално е во криза, бидејќи Израел обвини 12 вработени во агенцијата дека биле вклучени во нападот на палестинскиот Хамас на израелска територија на 7 октомври.
Наводите доведоа до тоа голем број земји да го прекинат финансирањето, вклучително и САД, кои се најголемиот донатор на УНРВА. Даблин лани директно и плати на Агенцијата 18 милиони евра, од вкупно 36 милиони евра обезбедени за палестинскиот народ.
Ирска долго време е поддржувач на палестинските права, а денешното соопштение доаѓа по ветувањето на Шпанија од минатата недела дека ќе и испрати на Агенцијата дополнителни 3,5 милиони евра помош и Португалија која вети дополнителни милиони евра.
Подготвено од А.Ѓ.